Девојка со лузни

Besilka

“Доаѓа една девојка во мојот двор, убава, со долга кафена коса, згодна, слатка, шарматна, со мили очи....Ме гушка и бакнува како да не сме се виделе сто години, а јас не ја знам. И велам, од каде знаеш каде живеам, ми вели дека ја пратил дечкото кој ми се допаѓа. Во гушкањето, ме бакнува силно на вратот, скоро ми прави огромна модрица. Се изналутив, почнувам да викам по неа, ‘’што ти е тебе, луда една!!?!“ Потоа истата девојка е во мојата куќа, во мојата спална, лежи на креветот, во бела долга кошула/фустан. Го крева да ми ги покаже лузните под неа. Лузните беа стари, како исеченици со нож по стомакот и нагоре накај градите. Се уплашив. Ја прашувам, ‘’Што ти се случило?’’. Ми рече, ‘’ Ништо“, и одмавна со главата. Се разбудив испотена’’. Симона, 28

Девојката која се појавува во дворот на Симона, односно во нејзиниот животен простор, е непозната за неа. Може да се каже дека таа девојка пројавува некој аспект од личноста на Симона. Впечатливо е што овој аспект, досега непознат, или неуважен за Симона, го праќа дечкото кој и се допаѓа. Вљубеноста и помага на Симона подобро да се запознае себеси, или пак, да ги запознае своите аспекти кои во оваа животна ситуација се значајни за неа да ги интегрира. Во таа смисла, за Симона оваа актуелна вљубеност е важна, бидејќи доаѓа после неколку години, после разделба со партнерот, која за Симона била тешка, болна.

Девојката толку и се радува на Симона, што во бакнувањето и прави модрица. Симона се лути и ја брка: не и е лесно да го прифати овој свој аспект.

Во вториот дел од сонот, можеме подобро да го разбереме овој нејзин аспект и неговата порака: Непознатата девојка ја наоѓа во спалната, во нејзниот личен, интимен простор, и и’ ги покажува лузните од старите рани, по стомакот и градите. Овие стари рани ја потсетуваат Симона на загубата од пред неколку години. Психолошки, ако треба да ги мапираме нашите емоции на телото, најголем дел од нив ќе ги најдеме во пределот кај стомакот и градите, особено љубовта, среќата, стравот, лутината. Се чини дека овој нејзин аспект, убав, мил, шармантен, кој бил многу повреден, сака да и’ биде пријател на Симона. Раните се веќе залечени, но лузните се присутни, сеуште предизвикуваат страв кај Симона. Сепак, сонот завршува со тоа што оваа непозната девојка ( односно Симона) покажува дека има храброст во себе, за новите животни предизвици.