Помошникот

Besilka

''Зборувам на телефон со една другарка, не се сеќавам на разговорот, но се чувствувам напнато. Со татко ми и мојот сопруг се подготвуваме да излеземе од домот, додека мојата слугинка пушта внатре 14 годишно момче кое дошло да бара работа. Однеднаш, како што влегува момчето низ прозор долетува едно врапче кое никој не го приметува освен јас. Не знам зошто, но не го спомнувам тоа. Момчето бараше работа, изгледаше прилично сиромашно, и добродушно. Татко ми се противи на тоа, и кажува дека момчето само ќе крши работи, и дека ништо добро нема да излезе од тоа. Момчето кажува како е многу внимателен, и почнува да ги затвора отворените фиоки со накит. Се борам со себеси, мојот прв инстинкт е да го послушам татко ми. Но тогаш одлучувам дека можам да му најдам работа на момчето, тој може да прави да пазарува и да ги носи набавките дома за мене’’ Марија, 35

Марија е професионално успешна, комуникативна, темпераментна. Во периодот кога го сонува овој сон, има доживување на нејасно, лебдечко незадоволство од себеси, неисполнетост, празнина. Во реалноста, нејзините пријатели во последно време и велат дека станала ‘’ладна’’.

Напнатиот разговор со другарката во почетокот на сонот укажува на тоа дека замерките на пријателите почнуваат да допираат до неа, иако се ''преку жица '', на дистанца. Веднаш тука се нејзиниот татко и сопруг. Татко и во реалноста го опишува како успешен, способен, убав човек, со кого е блиска, но кој често бил критички насочен кон неа. Никогаш или многу ретко со убав збор или пофалба. Слично како и нејзиниот сопруг. Марија научила да живее со машката критика на тој начин што го поминала поголемиот дел од животот обидувајќи се да ги задоволи машките очекувања, на училиште,

дома, на работа, во партнерските релации. Станала успешна и се изборила во светот на бизнисот. Мотивот да ги покаже и докаже своите интелектуални способности бил најголем од сите други. Сепак, како да тоа не е веќе доволно, бидејќи Марија се чувствува напнато. Слугинката која се појавува во почетокот на овој сон, а која во реалноста не постои, упатува на тоа дека таа дотогаш и доделила на својата женска страна улога на слугинка, односно слугинка на барањата и очекувањата во релациите со другите ( кои се симболизирани преку таткото и сопругот).

Сепак, оваа слугинка го пушта внатре 14 годишното момче кое влегува во нејзиниот дом. Тоа би можело да значи дека Марија, со својата женска страна која ''им слугува'' на другите, несвесно одлучува да дозволи нешто ново да влезе во нејзиниот психолошки свет, еден нов, млад, грижлив свој квалитет, но грижлив за себе. Ова младо момче укажува на нови нешта кои Марија ги открива кај себеси. Тој се нуди да работи за неа, а врапчето кое истовремено влегува низ прозорецот Марија го асоцира со радост, смеа, инспирација. Момчето ги затвора отворените фиоки со накит, односно се погрижува за она што е скапоцено и интимно за Марија.

Се чини дека успешниот, но критички дел од Марија ( симболизирани преку нејзиниот татко и сопруг) не ги забележува овие нови квалитети на Марија, како ни нејзината намера да започне да се грижи за своите очекувања и потреби. Тие нови квалитети кај Марија се во внимателноста и грижата за себе, во инспирацијата, во радоста кои почнуваат да тлеат со оваа несвесна нова одлука. Сонот порачува дека во грижата за себе, своите интимни потреби, очекувања, ќе ја открие радоста и инспирацијата, новото исполнување, кои биле потиснати од критичкиот дел од Марија.