„Се наоѓам во соба во една куќа со мојата другарка Марина. Во соседната соба има повеќе мажи. На некој начин во сонот се тие поврзани со мене. Марина им се смее, и ми кажува дека и се смешни. Изгледаат како селани, и еден од нив држи во раце едно преубаво бебе. Некој му имаше дадено сладолед на бебето, и тоа повраќаше. Марина повторно нешто искоментира за нив, дека се тие такви. Се појави мајка ми и ни кажа дека таа му дала сладолед на бебето“. Соња 33
Соња е млада успешна жена, која во моментот кога го сонува овој сон е во емотивна партнерска криза. Нејзината другарка Марина во реалноста е многу убава, и склона кон манипулации во релациите со луѓето. Сепак, според Соња, со доминантното однесување, таа го прикрива своето чувство на инфериорност. Во сонот, присуството на Марина и на мажите кои изгледаат како селани, го отсликува токму нејзиниот проблем со кој овој сон се бави: нејзиниот однос кон мажите. Во тој однос, Соња се однесува доминантно и манипулативно.
Изненадувањето настапува кога кон крајот на сонот, тие сфаќаат мажите не се виновни за повраќањето на бебето, туку нејзината мајка. Во реалноста Соња обожува сладолед бидејќи е благ и бидејќи заклучила дека не дебели. Сонот укажува дека тоа е однесувањето кое Соња го усвоила од својата мајка: да биде слатка и слаба за да им се допадне на мажите. За да може да ги контролира и манипулира. Повраќањето на бебето укажува дека Соња е веќе уморна од таквиот образец и дека тоа потекнува од длабоко вкоренетото инфериорно чувство во однос на мажите. Тоа чувство ја навело да применува прикриена манипулација за да ги афирмира своите потреби и желби, и за да им се допадне на мажите. Она што ни објаснува овој сон е дека инфериорното чувство во однос на мажите и потребата за манипулација не потекнува од однесувањето на мажите: тоа е само нејзин образец усвоен од нејзината мајка, кој таа сега може да го промени со цел да ги подобри своите партнерски релации.