Анксиозни состојби

Многумина го нарекуваат ова време во кое живееме „Време на анксиозноста“, и тоа со добра причина. Многу значајни животни аспекти – морални, егзистенцијални, брачни, економски, општествени, работни – се загрозени. Во многу ситуации луѓето се наоѓаат себеси во несигурност – не знаат што следно да очекуваат. Луѓето често се преиспитуваат себеси за тоа дали животот е патување кое има смисла и значење, или е само чудна и хаотична приказна.

Животот е патување. Тоа е дефинитивно така бидејќи ние сме креирани на тој начин што мораме да се движиме, односно да чекориме низ својот животен пат. Нашиот развој е во постојаното движење, кое подразбира и менување, притоа постојано освојувајќи ја и негувајќи ја својата стабилност. И почитувајќи ја својата животна смисла. Сите ние имаме потреба од смисла во своето животно патување, и често анксиозното доживување доаѓа кога смислата врз чија основа сме го граделе својот живот се менува. Кога се чини дека не умееме да ја видиме повеќе. Како да сме ја изгубиле. Анксиозноста се појавува кога не можеме да го следиме сопственото движење на свој автентичен начин, и тогаш животот се чини како чудна и хаотична приказна.

Колку и да делува чудно, за анксиозноста е важно да се знае дека таа е неодминлив дел од животот. Ако не би имале одредена количина на немир, односно возбуда во нашиот живот, ние не би биле живи. Искусувањето одреден немир е она што нè оддржува будни и вклучени во животот. Она што нам ни е потребно, е способност да го задржиме тој немир во одредени граници за да не нè преплави нас и нашето функционирање. Потребно ни е да го познаваме својот немир.

Доживувањата на немир кој можеме да го оддржиме во граници кои ни овозможуваат да се чувствуваме добро и добро да функционираме, се разликуваат од искуства на силна анксиозност, фобија или панични напади, кои можат значајно да го попречат животот. Додека секој доживува некаков немир движејќи се низ животот, оној кој доживува силна и непозната анксиозност, може да постане онеспособен да се движи низ животот, или може да се соочува со големи препреки во самото секојдневно функционирање.

Колку повеќе личноста има впечаток дека не може да ја контролира својата животна ситуација, колку поголемо е доживувањето на некаква загрозеност или опасност, со толку повеќе анксиозност личноста се соочува. Притоа, имајте предвид дека се овие прилично субјективни фактори. Личноста може да биде преплавена со анксиозност поради некој ризик или опасност кои се чинат многу реални за неа, но не и за другите. И нејзиното субјективно доживување на анксиозноста е она кое е важно за процесот на исцелување.

Анксиозното доживување често доаѓа во нашите животи бидејќи нè штити од тоа да почувствуваме или искусиме нешто друго, нешто ново или различно. Анксиозно доживување може исто така да претставува нашата затворена енергија или потенцијал. Јунгијанскиот аналитичар Џејмс Холис вели, „Она што можам да го освестам, да се соочам директно со истото, и да се справам со тоа како возрасен, ме ослободува од несвесната врзаност кон минатото....Ние добиваме она што можеме од анксиозноста, која, како магла, го замрачува патот нанапред.“

Анксиозното искуство е вкоренето во длабочините на психата. Само низ искусувањето на нашите длабочини ние можеме да го надминеме и да продолжиме понатаму.

Како се надминува анксиозната состојба?

Оној која се бори со анксиозност се среќава со тоа искуство на многу личен и индивидуален начин. Тоа е негова/нејзина анксиозност, и таа се појавува на специфичен начин во нив. Само кога тоа индивидуално значење е целосно и внимателно разбрано, индивидуата ќе може да ја надмине таа анксиозност. За вистински да се справите со анксиозноста, потребно е да се допре нејзиниот извор. И за тоа е потребно многу храброст и истрајност.

Терапијата на анксиозната состојба е комплексна, бидејќи човечката психа е сложена. Човечката психа не е исто што и еден компјутер, и важно е да разбереме дека луѓето не ги исцелуваат своите трауми или проблеми на истиот начин на кој ги поправаме машините. Не можеме да го извлечеме „расипаното делче“ и да го замениме со новo. Тоа е така најнапред поради тоа што ние немаме расипани делчиња во нашата душа, а второ поради тоа што сите наши психолошки аспекти се испреплетени и поврзани во една целина. Потребна е посветеност и подготвеност да ја видиме анксиозноста во она што таа го претставува за нас, и во нејзината функција во нашиот живот.

Низ процес на психотерапија, анксиозноста може да се согледа во она што вистински таа претставува: не е повеќе нејасна или лебдечка, туку е реална, вистинска, има своја форма, функција и свое значење. Само тогаш, анксиозноста може да се надмине, а животот повторно да добие смисла.