Биографија

Ивана Станковска
18.10.2017

Психолошката дејност е мојата базична дејност, при што професионалниот пат, едукацијата и искуството ми донесоа титула магистер по клиничка психологија и семеен советник. Притоа, јас сум и жена, ќерка, сестра, другарка,вљубеник во природата, животните, во убавата книга и филм. Своите магистерски студии по психологија ги завршив во јули 2007 година во Лион, Франција (Универзитет Лумиер Лион2), а од 2010 се стекнав со сертификат за семеен советник од европски сертифицирана Школа за системска семејна психотерапија во Македонија (Институт за брак, семејство и системска пракса Алтернатива).

Во досегашното 10 годишно работно искуство, покрај основната психолошка дејност на психолошка проценка, психодијагностика и психолошка поддршка,сум работела на повеќе специфични проекти наменети за:
- луѓе кои страдале од хронични болести,
- поддршка на лица во програм на субституциони третмани за лекување на зависност од дроги
- тренинзи за личен раст и развој на адолесценти,
- психоедукација и поддршка на бременост и родителство.
Мојата најголема професионална љубов е психолошка анализа на соништа. Ги проучувам соништата повеќе од 13 години, особено Аналитичката метода на Carl Jung, Marie Louis Von Franz, Marion Woodman, L.W.Jaffe, J.A.Hall, како и современите истражувачи на сонот. Психолошката анализа на соништа е дел од психотераписката практика која често ја применувам со клиентите. Во мојата работа, ги применувам знаењата од системска семејна психотерапија, базичните гешталт техники,и методата на семејни констелации.
Денеска работам психолошка поддршка и психодијагностика; индивидуално, партнерско и семејно советување со цел разрешување на различни психолошки и релациски предизвици, постигнување лична автентичност, целовитост, исполнетост, квалитетен личен и семеен живот.

Вистински уживам во мојата работа. Уживам во секое сознание за животните промени, постигнувања и развој кај моите клиенти. Бескрајно сум благодарна за нивната доверба, бидејќи низ работата со нив, за краток период станувам дел од нивните животни приказни и ги придружувам на нивниот пат кон развојот, менталното здравје и извонредноста. Тие, стануваат за момент дел од мојата животна приказна, и ме облагодаруваат и збогатуваат. Секој на свој начин и во својата улога и позиција во процесот, растеме и се развиваме.