Депресија која нешто значи

Depresija

Депресијата може да се појави како реакција на одредени животни трауматски настани. Исто така, депресијата може да биде потивка но долготрајна и да постане одлика на личноста која е депресивна, односно таа генерално се чувствува немоќно, беспомошно да било што стори за себе и својот живот, а притоа и многу виновно поради таа немоќ. Депресијата која е длабока, интензивна и психотична, бара медикаментозна терапија со цел да се поврати биолошкиот баланс, а потоа се придружува психотерапијата, за која е често неопходна значајна соработка и поддршка од/на целото семејство. Но, во овој текст нема да читате за клиничкото третирање на депресијата, или за класичното психолошко разбирање и терапија на истата. Во текстот кој следи, ќе погледнеме од длабинска психолошка перспектива која и пристапува на депресијата како состојба која има вредност, значење и цел.

Што тоа значи?

Ние чекориме низ нашиот живот, сè додека не сретнеме препрека со која не умееме да се справиме со оние знаења и капацитети кои во тој момент ги поседуваме. Депресијата е процес во кој психолошката енергија која обично ни е достапна за будниот, свесен живот, постанува блокирана, потисната и заробена во длабочините на несвесното. За својата депресија можеме да бидеме свесни, можеме да ја манифестираме, а можеме и да ја маскираме во нашето однесување.

Што ја причинува депресијата?

Нејзиниот примарен извор е неразрешена, потисната или заборавена болка, траума, криза, конфликт или загуба. Потиснување на сопствените квалитети, вредности, вистини. Нелојалност кон себеси. Сиромашната исхрана, сезонските промени, недостигот на сонце, како и бездушните, стерилни животни средини, губитокот на вредности и имагинација, штетните или празни релации со другите, здодевната рутина. Недостиг на животна смисла, животен правец е едно од суштинските причинители на депресијата, бидејќи претставува губиток на контакт со себеси. Животната енергија тогаш потонува во длабочините на несвесното каде има задача да се бави со потиснатите рани и неразрешено страдање. Притоа, понекогаш целта на депресијата е да ја поврати потребната мудрост, креативни решенија и сопствена вистина од несвесното. Всушност, пораката на депресијата е: Вашата психа не сака да ја трошите животната енергија залудно – и затоа е повлечена со цел да Ве заштити и да го добие Вашето внимание.

Притоа, добро е да го знаете следното: Почетокот на родителството е период на прилагодувања, ускладувања, адаптација на нова животна ситуација. Притоа, новите одговорности, новата животна улога, креираат бура од емоции и мисли кај вас: среќни сте, но понекогаш се чувствувате збунети, преуморни, плачливи, несигурни, немоќни. Тоа е така во секоја нова животна фаза. Поради тоа, овој период од животот може да биде и многу нестабилен. Колку повеќе сте преплавени од информации и совети, толку психолошки се зајакнува вашата нестабилна средина, бидејќи добивате мноштво различни мислења и совети кои ве збунуваат. На тој начин ризикувате да го ослабнете контактот со себе, да ја изгубите способноста да ги селектирате информациите и да процените која од мноштвото информации е вистински важната за вас, да не ја следите својата интуиција, својата вистина, и на крајот на краиштата, да не ја следите посебноста на своето дете. Вашето бебе може да биде слично во своите реакции, однесување и темперамент како многу други бебиња, но и многу посебно, свое, различно од другите.

Тоа значи дека депресијата не мора да се гледа како симптом, туку како состојба која е целисходна и функционална. Со други зборови, медикаментозната терапија може да Ви помогне да ги отстраните/намалите депресивните симптоми, но уште позначајно е да видите зашто депресијата воопшто се појавила.

Која е нејзината цел во животот на личноста?

Што депресијата се обидува да промени во животот на личноста?

Многу депресивни луѓе ќе се повлечат во самотија, ќе се повлечат од социјалниот живот, и воопшто ќе престанат да уживаат во секојдневните ситници и интереси „кои живот значат“. Наместо тоа, тие поминуваат часови оптеретени со депресивни мисли и доживувања. Од една подлабока психолошка перспектива, депресијата на тој (навидум чуден) начин ви помага со тоа што ви овозможува да бидете сами со себе и да го преиспитате начинот на кој го живеете својот живот. Одговарањето на овие прашања и правењето промени, ќе ја промени депресијата бидејќи ќе ја оствари нејзината функција.

Доколку страдате од депресија и конечно одлучите и смогнете сили да сторите нешто за тоа, имајте ги предвид следните нешта:

1. Што не можам да препознаам и прифатам?

Најзначајно нешто кај депресијата е да се препознае и прифати она што е наше автентично, а непрепознаено, неприфатено, потиснато или отфрлено. Ова може да се однесува на минати трауми, страдања и загуби, или пак на самото себеприфаќање и почит за сопствената природа, вистина, единственост. Најчесто проблемите настануваат кога го отфрламе она што вистински сме, а ние тоа често го правиме низ животот и растењето, социјализацијата, прилагодувањето.

2.Изгубена виталност ( животна енергија)

Основен аспект на депресивното доживување е губитокот на виталност во будниот, свесен живот. Енергијата се повлекува во несвесното каде што таа бара да се разрешат конфликтите, или бара да се добие нов увид, ново поведение. Тоа значи дека важен дел од исцелувањето е спремноста за изнаоѓање на нови начини на продирање на новото, важното, вистинското за вас, во вашата свесност и вашето свесно живеење.

3.Изгубена надеж

Често, луѓето имаат искуства кои „ги затвораат“ и може да се најдат себеси во момент во својот живот каде што тој ја губи својата смисла, и во таков момент е тешко да се изнајде надеж. Враќањето на надежта, пронаоѓањето на малите трошки нова надеж е од витално значење, бидејќи тие ќе ја донесат смислата.

Не постои рецепт за помош, совет или решение кое е соодветно за сите.

Вие заслужувате да добиете помош и поддршка кои ќе ја уважат посебноста на вашата личност, затоа што депресијата тоа го бара од вас. Одговорот на депресијата мора да биде соодветен на посебноста на личноста, за да личноста повторно почне да вибрира со автентична животна енергија. Доколку страдате од депресија, побарајте психолошка помош која ќе ви помогне да ја откриете драгоценоста која за вас ја чува вашата депресија.