Кога се плашам од стравот

Страв

Оној кој доживеал паничен напад, знае дека тој може да делува како вистинска траума. Паничниот напад е вистински силно, непријатно и застрашувачко искуство, кое може да го искусите само еднаш или повеќе пати, и ако е проследен со „предвидувачки“ страв од повторна панична реакција, може да постане и хронична состојба. Во основата на паничната реакција, е емоцијата на страв. Стравот сите добро го познаваме: таа е базична, примарна емоција. Ние се раѓаме со два основни стравови во нашиот живот: страв од изненаден звук и страв од изненадно губење на тлото под нозете(на пр. кога се симнувате по скали во темна зграда и погрешно ќе го пресметате бројот на скалите). Некои стравови може да ги наследиме од нашите претци и тие се несвесни и неповрзани со реалните наши искуства. Некои стравови ги учиме од блиските луѓе или ги стекнуваме низ животните искуства.

Стравот е природна, полезна и корисна емоција: тоа го знае срната кога ќе почувствува присуство на лав во нејзината близина, ќе се исплаши и ќе побегне. Тоа значи дека стравот ни служи да се заштитиме во тешки или опасни ситуации. Но, често пати стравот може да биде непримерен на околностите во кои го доживуваме, односно да бидеме уплашени за нешта кои не го оправдуваат стравот. На пр, може да стравуваме дека ќе го изгубиме работното место кога компанијата за која работиме поминува низ големи промени и кризи, и тој страв е реален, оправдан. Но можеме и да го чувствуваме истиот страв кога компанијата стабилно функционира, кога нашата работа е позитивно евалуирана, и кога нема никаква реална основа за таква емоционална реакција. Стравот кој е ирационален, може вистински да ни го отежни нашето функционирање. Односно, стравувајќи ирационално, малку или воопшто не успеваме да бидеме во живот: живееме во страв.

Како изгледа паничниот напад? Одеднаш, додека удобно седите во вашата фотеља, или додека се возите во автобус, се случува следното: срцето почнува забрзано да бие, се забрзува дишењето, нозете стануваат слаби, се препотувате, се чувствува пецкање или вкочанетост во прстите, грутка во грлото, грчеви во стомакот, гушење, стегање во градите......постојат мноштво симптоми. Сите овие физички симтоми ни помагаат кога се наоѓаме во реално животно-загрозувачка ситуација, бидејќи ја зголемуваат будноста: ова се физичките реакции на силен страв. Целиот проблем на паничните напади се наоѓа во тоа што личноста која ја има оваа физичка реакција, сосема соодветна за некоја животно-загрозувачка ситуација, истата ја доживува во реално сосема безбедна ситуација!

Сите ние доживуваме различни телесни сензации во текот на денот, поттикнати од внатрешни или надворешни чинители. Кога личноста страда од паничен напад, таа вистински чувствува силен страв. Тогаш го насочува своето внимание кон физичките сензации, станува повеќе будна. Парадоксално, нејзиното интензивно и будно внимание насочено кон одредена телесна сензација (на пр. забрзаниот пулс) предизвикува симптомот да се засили. Срцето бие уште посилно. Одеднаш, личноста погрешно разбира дека овие реакции мора да упатуваат на внатрешна опасност (несвесно, точно увидува дека ништо во надворешната околина не делува опасно), односно, таа панично стравува дека најверојатно страда од срцев удар. Мозочен удар. Најверојатно ќе го изгуби животот.

Ваквата (погрешна)интерпретација на телесните сензации е онаа која го прави паничниот напад да делува трауматично.

Потребата за бегство од ситуацијата и потребата за помош, често ја води личноста кон ургентните центри, каде што таа инсистира на медицински тестови и анализи. Тестовите обично не откриваат ништо што може да наликува на срцев, мозочен или било каков физички проблем. Ненадејноста и силината на паничните напади ги наведуваат луѓето да избегнуваат одредени места и активности, кои асоцираат на првите кризи: одбиваат да возат автомобил, одбиваат да влезат во банка или супермаркет, да се возат во автобус, да бидат сами, или пак да бидат во гужва. Себеси си велат:

"Во случај повторно да ми се случи истото, барем нема да бидам на место каде што не можам да добијам помош, или да избегам".

Тоа е почеток на ѓаволовиот круг кој полека го осиромашува животот, односно ја втурнува личноста во живот во страв. Личноста станува зависна од посетите на клиничките центри: таму се чувствува безбедно. Кога ќе и потврдат дека таа е физички сосема здрава, сите симптоми магично исчезнуваат. До следниот ден.

Зашто некои личности страдаат од панични напади?

Во коренот на паничните напади лежи наше непрепознавање на одредена наша емоција, важна за нас. Одредено наше доживување кое од некоја причина не умееме да го препознаеме, да го видиме, да зборуваме за него, да бидеме во контакт со него. На пример, како да зборуваме за стравот од започнување на брачен живот, кога многу го сакаме својот сопруг? Кога сите се радуваат на нашата свадба, како да си признаеме себеси дека можеби сме малку уплашени, тажни, несигурни? Како да зборуваме за тагата од напуштањето на родителскиот дом, кога е тоа можеби малку смешно (веќе сме возрасни и природно е да се радуваме на формирањето на свој дом и свое семејство). На некој начин, паничните напади се случуваат кога оттуѓуваме дел од себе, важен дел од себе. Бидејќи е невозможно сосема да изгубиме дел од себе кој ни припаѓа, несвесно ќе го изразиме на друг начин: преку анксиозност или паничен напад.

Постојат многу начини кои можат да помогнат во надминување на паничните напади. Психотерапијата е еден и многу полезен начин, бидејќи помага да се разреши она што е вистински проблем за личноста, помагајќи и да го открие, увиди, изрази, прифати она што е неуважено, неизразено, неприфатено од неа.