ЖИВОТ ЗА ВРЕМЕ НА КОРОНА

Оваа вонредна ситуација во која живееме повеќе од еден месец, беше различно дочекана од секоја индивидуа и секое семејство. За некои оваа вонредна ситуација ја наруши воспоставената животна стабилност, а други ги најде сред веќе постоечка лична криза, психолошка состојба или животна нерамнотежа. Она што е сигурно, е дека за повеќето од нас се одложија одредени планови, цели, намери, и се прекина нашиот востановен животен тек.
Освен како вонредна, оваа ситуација се појави како сосема нова и непозната за нас. Никогаш претходно не сме се соочиле со ваква ситуација. Некои генерации паметат војни и воени или општествени кризи, но во оваа наша моментална ситуација, „непријателот„ е невидлив и скоро апстрактен. Непријателот е вирус, со големина помала и од бактерија.
Што се случува кога ќе зачекориме на сосема нова и непозната територија со невидлив и непознат непријател; територија која е високо стресна бидејќи содржи елементи на страв за личното здравје, страв за здравјето на блиските и саканите, егзистенцијална загриженост, губиток на слободата за движење и социјална дистанца?

На почетокот ги активиравме нашите увежбани и редовно практикувани оружја – нашите одбрамбени и копинг механизми.
Некои се повлекоа во себе многу повеќе отколку што препораката за физичка дистанца наложи – се затворија во својот внатрешен свет во обид да ги зачуваат резервите на својата психолошка снага, или реагираа дисоцирано и изгубија чувство за ден и време. Некои беа креативно - проактивни и побрзаа да воведат нов ред и нова организација на своето секојдневие, во обид да воспостават внатрешен ред сред надворешниот неред или дисбаланс.
Некои одговорија со интензивно доживување на немир, страв и претпазливост; некои ја изразија настанатата фрустрација со гнев и лутина; а некои пак, ја банализираа целата ситуација и ја прогласија за – непланираниот годишен одмор.

Ова се секако првичните наши одговори, кои се менуваа со текот на времето со оглед на тоа што оваа ситуација се карактеризира со продолжено делување, непредвидливост и неизвесност. Организмот има одредено развиено ниво на адаптација и толеранција на промена; но, доколку кризата се продолжува, доминантниот одговор кон неа се менува.
Па така, првичниот шок и збунетост премина во лутина и револт. Првичната проактивност му отстапи место на засиленото чувство на осаменост или тага. Првичната безгрижност се замени со доживување на загуба и анксиозност.
Ги покренавме нашите копинг механизми, и зајакнавме нови: за некого тоа беше потреба за почеста интернет и телефонска комуникација; некои се „изгубија“ себеси во светот на книги и филмови, некои побараа поддршка, релаксација и вентилирање на стресот во повеќе алкохол, храна или секс.
Застанете за момент, и станете свесни за Вашите одбрамбени и копинг механизми со кои одговоривте на новата ситуација. Како се менуваа со текот на деновите, и со текот на засилувањето на здравствените мерки? Нашите одбрамбени и копинг механизми ќе зависат од нашиот карактер, темперамент, возраст, животни и професионални улоги.

Многу е важно да умееме истовремено да бидеме свесни за реалната ситуација, и свесни за сè што ја опкружува оваа ситуација. Имено, оваа ситуација е уникатна по тоа што донесува доживување на вакуум или капсула во кои не постои ништо друго освен корона вирусот и нашата изолација. За некои луѓе доживувањето ќе биде дека и тие самите престанале да постојат. Имајте предвид дека, и покрај сите ограничувања и стравови, сепак многу убави нешта продолжија да се случуваат – секојдневно се раѓаат деца, блеснува убаво сонце, природата која се буди нè потсетува дека сме живи. Можеме да развиваме дискусии и разговори за теми кои се неповрзани со оваа ситуација, а поврзани со животот и овозможуваат доживување на виталност и континуитет – за љубовта, машко-женските односи, за старите добри спомени, спорт, литература, филмови, патувања, музика, природа....
Да не заборавиме кои сме – кои бевме пред оваа ситуација, кои беа нашите желби, цели, замисли, копнежи, идеи; и како и на кој начин можеме да им дадеме живот на тие потреби сега и понатаму. Можеме да чекаме да заврши кризата за да продолжиме да живееме – или можеме да се потсетиме дека, ние сме и сега живи. Па така, луѓето ќе ви кажат дека зачудувачки позитивно им влијае забавениот ритам на животот и новооткриената ментална присутност. Чудно некое задоволство во новото слободно време за развивање на стари таленти, интереси или хобија. Уживаат во нештата за кои порано немале време, и сега се чинат како – нови доживувања.

Во продолжение се уште неколку конкретни насоки и сугестии за сите Вас, кои ќе можете да ги ползувате во периодот кој следи:
Психолошки импакт
Оваа ситуација ни донесе стрес, промени, и постепено нè воведува во фаза на „ново нормално“ на индивидуално и колективно ниво. Секоја подолготрајна состојба воведува и етаблира промени кои е веројатно да останат живи за нас и после кризата.
Дали ситуацијата ќе донесе психолошки нарушувања – секако не можеме генерално да го тврдиме тоа. Добро е да се погрижиме за себеси и за своите релации, не е добро да бидеме во очекување на психолошки проблеми. Сетете се само колку лични животни кризи веќе сте поминале. Можеби и поголеми и поразорни од нашата корона ситуација – скршени срца, разводи, здравствени проблеми, загуба на работа, семејни трауми, осамена и несигурна адолесценција. И ова ќе биде нешто кое ќе го преживеете, и можеби е поважно да се надеваме да биде - нешто кое ќе „ве оживее“.
За кого оваа ситуација може да има позначаен психолошки импакт? - За оние кои имаат психотични или невротски нарушувања
- Оние кои живеат во дисфункционални семејни системи, или пак кои живеат сами
- Оние кои ситуацијата ги воведува во егзистенцијална криза
- Корона кризата потешко ја доживуваат личносни структури кои се ригидни, односно тешко прифаќаат промени, ризик и нестабилност, и тешко се адаптираат на нив.


Физичка дистанца
Фактот што ситуацијата наложува да се однесуваме еден кон друг дистанцирано и креира однесување со недоверба и претпазливост, е психолошки поразителен. Не можете да се гушнете и поздравите со блиските, пријатели, колеги, роднини кои ќе ги сретнете. Сетилото за допир ги поттикнува окситоцинот и допаминот, и е исклучително значајно за емоционалната добросостојба, бидејќи овозможува доживување на саканост, поддршка, почит, задоволство; го ослободува стресот и го зајакнува имуниот систем. Во оваа ситуација кога сетилото за допир е депривирано, мораме да ги зајакнеме другите сетила, за да емоционално и релациски преживееме – ќе се поврзуваме едни со други со нашите погледи, со тонот на гласот и нашите топли зборови кои ќе ги кажеме и слушнеме, со нашите насмевки.

Како да се организираме во изолација?
Да, можете да го ползувате ова ново слободно време за да научите нови вештини-готвење, компјутерски вештини, нов јазик, и слично. Тоа би било одлично! Но, не морате доколку немате мотивација. Ова е период во кој ништо „не мора“ и „не треба“, освен работните и родителски одговорности, и она кое ви годи. Погрижете се за вашите базични потреби, кои го зајакнуваат чувството на виталност, сигурност, здравје и добросостојба, внатрешен мир и спокојство. Тоа би значело, нормализирање на биоритмот, многу хумор и релаксација, активности кои носат задоволство, адаптирана физичка активност, и комуникација со многу повисоко ниво на разбирање и емпатија.

Деца во изолација и карантин
Децата доживееја нагло прекинување на училишните денови – без редовните ритуали на завршување на годината и прослава. Во моментов, сред преубава пролет, не можат да се изиграат и истрчаат во природа онолку колку навикнале, комуницираат со другарчињата преку екран, а некои не се гушнале со своите баби и дедовци повеќе од еден месец. Сето тоа сочинува еден вид загуба за мало дете, која можат да ја изразат преку немир, лутина, непослушност. Добро е да бидат нивните мозочиња активни со онлајн наставата и редовните домашни задачи. Но, не е неопходно да бидат исполнителни како што биле во редовната настава. Многу е поважно нивното емоционално и физичко здравје – погрижете се за тоа, со многу љубов, трпение, поддршка, игра.

Работа од дома
Домот беше лично интимно место во кое бевте ослободени од сите надворешни социјални улоги, и бевте само партнер/ка, родител, домаќин/ка, дете. Сега, во истиот простор, вие сте и професионалец, учител/ка, ученик. На истата трпезариска маса во еден момент сте наставник на своето дете, во следниот имате важен состанок, за во следниот да имате семеен ручек. Голем предизвик е да се менаџираат сите овие важни улоги во еден ден кој трае 24часа и во еден единствен простор. Она што помага е добрата организација, добра комуникација, разбирање и поддршка од/за семејните членови и нивните пак, улоги; поставување приоритети, флексибилност, и се разбира, поставување јасни граници.