Како одбираме кого засакуваме?

Велат, љубовта е секогаш многу едноставна и многу убава. Сè останато што може да се случи во една партнерска релација, е одраз на Вашиот однос кон љубовта.

Некој е несигурен и постојано е во исчекување дека можеби се појави трета личност помеѓу нив двајца или дека партнерот ќе го напушти.....

Друг има чувство дека во партнерската релација е како во стапица......

Трет смета дека треба само да добива од својот партнер, а четврт скоро секогаш се чувствува инфериорно во однос на своите партнери.......

Која е тајната на паровите за кои се чини дека љубовта доаѓа лесно и се развива уште полесно? Како ја постигнале складноста и квалитетниот начин на функционирање кој овозможува чувство на задоволство да се биде во својата релација?

Што пак, од друга страна, ги карактеризира незадоволните парови? Како се случува својата убава „хемија“ да ја претворат во „војна“; во нешто фрустрирачко и непријатно?

Ако си ги поставувате овие прашања, значаен дел од одговорот можете на го најдете во Вашиот однос кон љубовта, односно Вашиот стил на емоционално поврзување.

Стилот на емоционално поврзување се воспоставува во раното детство и најчесто се заснова на релацијата со родителските фигури, односно начинот на кој сте ја доживеале таа прва блиска релација. Начинот на кој во одреден момент низ Вашите детски очи и детска душа Вие сте ја доживеале таа релација, го обликувал Вашиот стил на емоционално поврзување. Тој стил на поврзување продолжува да функционира како несвесен образец во сите значајни релации кои ги градиме и како возрасни.

Тие обрасци имаат своја улога во нашиот љубовен живот, од изборот на партнер до развојот на партнерската релација, или до нејзиниот крај. Па така, препознавањето на нашиот стил или образец на поврзување може да ни помогне да ги разбереме нашите сили и нашите слабости во една партнерска релација.

Всушност, ние се поставуваме така да избереме партнери кои ќе ги потврдат нашите рани обрасци, и кои лесно ќе се вклопат во нив. Овие обрасци опстануваат и во возрасното доба, дури и кога истите нè повредуваат или не се во наш интерес.

Kim Bartholomew смета дека она што е важно во партнерската релација, е како некој се доживува себеси, како го доживува другиот и какви очекувања има од партнерот. Тоа одредува четири значајни стилови на емоционално поврзување: сигурен, избегнувачки, преокупирачки и плашлив стил.

Имајте предвид дека овие стилови не се трајни и непроменливи; доколку работите на својот личен раст и развој, имате можност да го менувате својот однос кон љубовта и партнерската релација.

Генерално, освен сигурниот стил, сите други стилови се несигурни, и тоа секој на свој начин.

Оние личности кои имаат избегнувачки стил, генерално имаат добра и позитивна слика за себеси, а негативна за другите. Ги карактеризира висока самодоверба и голема професионална успешност. Многу веруваат во себе, додека многу малку им веруваат на другите луѓе, и често имаат негативни очекувања од нив. Би можело да се каже, тие очекуваат дека најверојатно другите ќе ги разочараат на некаков начин. Освен што не им веруваат, често и го намалуваат значењето и вредноста на партнерската релација. Најмногу ја ценат својата независност и слобода, и на многу начини ќе се борат за неа. Поради овие карактеристики, овие стил уште се нарекува и отфрлувачки.

Во партнерски однос влегуваат ретко, често многу површно. Избегнуваат интимност и блискост, и многу малку вложуваат во партнерската релација. Долгите врски се нешто што тие преферираат да го одбегнат, бидејќи често се чувствуваат како во „стапица“ и брзо се „заситуваат“. Дури и да влезат во сериозен партнерски однос, голема е веројатноста брзо да раскинат или да се разведат. За нив се карактеристични сексуалните кратки авантури. Во женска смисла, овој стил можеме да го поврземе со ликовите на Саманта и Миранда од популарната серија Сексот и Градот, а во машка смисла, тоа би бил Mr. Big.

Се разбира, во основата на овој стил, лежи тешкотијата за емоционално отворање и искажување емоции, стравот од отфрлување и ризикот кој го носи препуштањето во партнерството.

П.С. Миранда би била личноста која успева да го промени овој образец, бидејќи влегува во партнерски однос со личност која има сигурен стил на емоционално поврзување (Стив).

За разлика од личностите кои избегнуваат, преокупираните личности имаат добра и позитивна слика за другите, а негативна за себеси. Ги карактеризира ниска самодоверба и длабоко во своето интимно чувство за себе, тие не успеваат вистински да ја увидат сопствената вредност (дури и кога нивниот свесен став делува прилично самоуверено). Токму затоа, низ партнерска релација тие се обидуваат да ја надминат својата ниска самодоверба. Односно, во своите партнерски релации вложуваат многу време и енергија, а всушност постојано се борат за да добијат потврда за сопствената значајност.

Партнерот најчесто имаат тенденција да го идеализираат. Што повеќе го перцепираат партнерот како вреден и посакуван, толку повеќе веруваат дека и тие самите се вредни кога се покрај таков партнер. Кога нивниот партнер ги посакува и сака, тие успеваат да добијат чувство за сопствената вредност. И токму тоа ги води во партнерска релација која наликува на зависничка, бидејќи партнерот им е потребен за да ја оддржат позитивната слика за себеси, љубов за себе и себепочитување. Токму затоа, кога се во партнерска релација, често многу стравуваат дека ќе го изгубат партнерот и дека партнерот ќе го изгуби интересот за нив. Љубомората и посесивноста се појавуваат како резултат на (не)свесниот страв дека некој повреден од нив ќе се појави и ќе го „преземе“ нивниот партнер. Кога партнерот си оди од нив, тоа го доживуваат и како потврда за својата невредност. Кога не се во партнерска релација и се вљубени во личност која ги одбива, нивната самодоверба уште повеќе се намалува.

Овој стил се нарекува преокупиран, бидејќи овие личности го сместуваат партнерот во центарот на своето секојдневие: сè се одвива околу партнерот, кому постојано се упатени нивните мисли, емоции и дела, и сето тоа проследено со чувство на голема несигурност. Поради својата ниска самодоверба, важно им е на партнерот да му го претстават најдоброто од себе, а своите слабости да ги прикријат. Со цел да избегнат нивниот партнер да ги напушти, склони се да играат различни игри и да бидат манипулативни, за да го задржат неговиот интерес. Овие релации се често многу бурни и драматични, со бурни конфликти и исто толку драматично помирување.

Поради тоа, ретко успеваат да се искрени, свои и опуштено да љубат некого; така не успеваат да остварат вистинска емоционална блискост и поврзаност со својот партнер. Често притоа се чувствуваат осамени и емоционално неисполнети: дел поради својата неискреност, дел поради своите стравови. Поради ниското вреднување на себеси, овие личности ќе останат во партнерската релација дури и тогаш кога ќе увидат дека не повеќе се задоволни во неа.

Личностите кои имаат плашлив стил на емоционално поврзување, имаат негативна слика за себеси и негативна слика за другите луѓе. Тие се уверени дека од љубовта можат да добијат само болка и разочарување, и дека партнерската релација претставува голем ризик да бидат повредени или отфрлени.

Поради тоа, делуваат избегнувачки поголем дел од времето.Оние кои сакаат да бидат со нив, најчесто ги доживуваат како невредни или пак не им веруваат, и затоа ги одбиваат. Кога сепак ќе се вљубат во некој кој многу високо го вреднуваат, тогаш делуваат како преокупираните личности – опсесивно се борат за да ја заслужат неговата/нејзина наклоност. Тоа се обично луѓе кои се на различни начини недостапни за нив– емоционално ладни, во брак, или едноставно незаинтересирани за нив. Често пати, кога ќе освојат некој кој се чини недостапен за нив, потоа постануваат пасивни и зависни. Кај нив се забележува и потешкотија да остварат вистинска блискост, и истовремено страв дека ќе го изгубат партнерот.

На крајот, сигурниот стил на емоционално поврзување – овие личности имаат позитивна слика и за себе и за другите. Ги карактеризира висока самодоверба, веруваат во себе и ја чувствуваат својата вредност; а исто така и му веруваат на партнерот, го уважуваат, и имаат реална слика за него. Не се плашат да бидат емоционално отворени и ранливи, бидејќи имаат силна внатрешна потпора. Имаат висок капацитет да се емоционално блиски и поврзани со партнерот. Тие умеат на конструктивен и позитивен начин да ги решаваат проблемите кои ќе произлезат во партнерството. Уживаат во својата независност, исто толку колку што умеат да уживаат во партнерството. Сосема се задоволни кога се сами, а истовремено умеат да уживаат и во долги, стабилни партнерски релации.

Повеќето луѓе имаат сигурен стил на емоционално поврзување. Дури и да припаѓате на некој од несигурните стилови, а посакувате партнерство во кое ќе љубите, ќе уживате и ќе бидете исполнети, задоволни, спокојни и сакани, добро е да бирате за себе личност која има сигурен стил на емоционално поврзување. Она што е сепак најдобро, е да работите на поместување на својот стил – од несигурен до сигурен. Несигурните умеат да бидат бурни и да носат силни емоции со себе, но сепак сигурното поврзување носи уживање но и стабилност.

Доколку сакате да го тестирате својот стил на емоционално поврзување во партнерски релации, или да работите на негово менување, закажете го својот термин.