Тема - Интернет и родителство

Во изминатите генерации, ние живеевме покрај семејство и пријатели кои можеа да ни помогнат да ги научиме родителските трикови, а сега истото го откриваме онлајн. Интернетот постанува истовремено водич и курс за родителските вештини, со мноштво мислења; стручни и сериозни, досетливи и практични, површни, половични, банални, некогаш и многу погрешни. Интернетот ќе ви даде неограничен извор на информации и совети. Проблемот е што се тоа мешавина од различно квалитетни мислења и родителска филозофија.

Како да вашите мајки и тетки, свекрви, сосетки, пријателки не се доволни во мноштвото совети и прекорувања кои ги имаат за вас. Зашто е ова толку важно? Земете ги предвид следниве сценарија: Тазе бремени, сте се пријавиле на час по јога за трудници. Се чувствувате возбудени поради бременоста, но разговорот потоа ве прави анксиозни. Разговорот се пренасочува кон плановите за раѓање. Некој ќе спомене епидурална, некој друг ќе препорача царски рез. Се зборува за различните сценарија кои можат да настанат при породувањето. Брзате дома за да почнете да гуглате. Добро е што бременоста трае 9 месеци бидејќи имате многу да истражувате. Пред да станете свесни, вашето бебе е тука. Ништо не е како што очекувавте, но бебето е совршено. Вие од друга страна, сте спиеле само два часа последните 2 дена, и сте на работ на солзи ( Не сте сигурни во овој момент дека мајчинството е дар од Бога.) Доите, но со многу проблеми: бебето не сака да цица, а постојано е гладно. Педијатарот ви вели дека бебето губи повеќе од тежината, можеби ќе морате да го дохранувате. Си заминувате и го вадите телефонот. Опкружени сте со медицински професионалци, но има и некој друг кој би сакале да го консултирате. Оп, тука ни е чичко Гугл! Тука се и мајчинските форуми, со многу „професионални“ мајки кои многу е веројатно дека ќе ви укажат на многу нешта кои не ги правите „како треба“.

Поминуваат четири месеци. Вие и вашиот партнер се чувствувате како да полудувате. Тој се буди на секој час, и вие изгледате како две зомбија. Еден од вашите пријатели ве советува дека е време да воведете ред во навиките за спиење. Друг ве советува да спиете со вашето бебе. Вам ви треба и друго мислење и го консултирате повторно чичко Гугл. Поминуваат седум месеци, веќе сте вовеле храна покрај доењето. Сте посетиле неколку педијатри, сте ги прочитале сите форуми и родителски сајтови, веќе ги имате и рецептите од пријателките, а вие сепак сте збунети. Вашето бебе не ја прима храната онака како што очекувавте. Ги преиспитувате своите родителски вештини скоро секојдневно. Важно е да го имате предвид следното: Информацијата е одлична, потребна, корисна. Недозволиво е денес да бидете неинформирани. Специјалистите, интернетот, вашите блиски, нивната помош и совети ќе ви бидат корисни, значајни, важни.

Притоа, добро е да го знаете следното: Почетокот на родителството е период на прилагодувања, ускладувања, адаптација на нова животна ситуација. Притоа, новите одговорности, новата животна улога, креираат бура од емоции и мисли кај вас: среќни сте, но понекогаш се чувствувате збунети, преуморни, плачливи, несигурни, немоќни. Тоа е така во секоја нова животна фаза. Поради тоа, овој период од животот може да биде и многу нестабилен. Колку повеќе сте преплавени од информации и совети, толку психолошки се зајакнува вашата нестабилна средина, бидејќи добивате мноштво различни мислења и совети кои ве збунуваат. На тој начин ризикувате да го ослабнете контактот со себе, да ја изгубите способноста да ги селектирате информациите и да процените која од мноштвото информации е вистински важната за вас, да не ја следите својата интуиција, својата вистина, и на крајот на краиштата, да не ја следите посебноста на своето дете. Вашето бебе може да биде слично во своите реакции, однесување и темперамент како многу други бебиња, но и многу посебно, свое, различно од другите.

Одговорното родителство подразбира да донесувате одлуки со самодоверба, одлуки во кои верувате. Избегнувајте стапици од погрешни информации и мајчински мудрувања, и внимателно донесувајте одлуки. Тогаш ќе ја добиете најдобрата награда: ќе го исклучите телефонот, ќе ја надминете збунетоста и загриженоста, и ќе уживате со вашето бебе. Изберете еден гинеколог кому ќе верувате. Изберете еден педијатар кому ќе верувате. Изберете еден психолог кој ќе ви понуди лична психолошка поддршка, поддршка за зајакнување на родителските вештини, личен раст и развој во родителската улога. Изберете ги интернет страниците кои се кредибилни за вас, кои се сериозни и издржани во професионалните мислења. Изберете ги луѓето околу себе чии искуства и информации сакате да ги чуете. Изберете ги роднините кои можат да ви помогнат и кои сакате да ви помогнат на некој начин, но бидете свесни дека само ваша е родителската одговорност да донесувате одлуки за вашето дете. Имајте доверба во себе и својата моќ да ги почувствувате неговите потреби за да можете соодветно да им одговорите.