Тема - Адолесцентите и тајните

Тинејџер во семејството - Вистинска семејна бура! Адолесцентот кој исчекорува од детството, преплавен од бура на емоции, возбуден од сè ново што чувствува, доживува и осознава; а притоа истото и го вознемирува. Родители кои стануваат свесни за својот адолесцент, тагуваат за детето кое го „губат“, и истовремено се возбудени од животните избори кои го очекуваат нивниот адолесцент. Тие се соочуваат со сопствените очекувања за него, и од неговите пориви за освојување на сопствената независност и автономија. И секако, во тој момент стануваат актуелни тајните.

Адолесцентот се отвора кон сосема нов свет на идеи, настани, промени; промени во себе, промени во доживувањето на светот околу себе. И во овој период има потреба од своја приватност.

Приватноста му е важна на адолесцентот да за му овозможи да ги разбере овие промени и да ги преиспита своите ставови, верувања, гледишта. Тоа е првиот чекор кон независноста. Кога не би го презел тој чекор, тој не би умеел да се потпира понатаму во животот врз своите размислувања и верувања. Она што во семејството се случува е, како што се зголемува приватноста на тинејџерот, така неговите родители стануваат вонземирени. Се прашуваат, што тој крие од нив? Предизвикот со кој се соочуваат родителите, е точно да одредат колку приватност да му дозволат на својот адолесцент, а кои се темите кои не смеат да се чуваат како тајни. Колку подобро изградени релации со адолесцентот во неговото детство, кои се засноваат на доверба, искреност, отвореност, блискост, толку помалку треба да Ве вознемирува неговата потреба за своја приватност. Но, важно е во семејството да се зборува за приватноста и да се изнајде договор за тоа што може тинејџерот да смета дека ќе биде приватно. На пример, дали собите се достапни за родителите? Што со отворањето на затворените фиоки или плакари? Facebook, и мобилните телефони? Адолесцентот сака самостојно да избира облека, храна, стил на музика, интереси, хобија. Има свои мисли и доживувања кои се однесуваат на релациите со другите, на училиштето, на своето однесување, со кои сака самостојно да се соочи. Самостојно да ги разбере и самостојно да одлучува.

Сепак, тенка е границата помеѓу основните тајни и приватноста, и опасните тајни. И целата мудрост на родителот на адолесцентот е да ја осознае таа разлика и да ја владее во релацијата со својот адолесцент. На пример, сексуалните искуства се лични и интимни искуства, но можното сексуално насилство не е тема која треба да остане тајна. Постојат области кои се критични и кои бараат родителско познавање, а тоа се темите кои ја загрозуваат безбедноста, сигурноста и здравјето на адолесцентот.

Во ова доба во кое го пишувам овој текст, тинејџерите се едуцираат во врсничките средини, на улица, на училиште и на интернет. Но, родителската едукација е исто така значајна, како на пример, едукацијата за сексуална заштита. Или, пружање на доволно информации и знаења за начинот на кој безбедно се конзумира алкохол, кога еднаш ќе станете свесни дека алкохолот неизбежно станува дел од неговиот живот.

Тајните помеѓу родителот и адолесцентот

Адолесцентот има потреба својата енергија да ја насочува кон својот развој. Тој има потреба да има доволно простор за да се грижи за пријателствата и училиштето, за да одговори на основните прашања кои си ги поставува: Кој сум јас? Каде одам? На кој начин ќе стигнам таму? Понекогаш родителите ги прават своите тинејџери свои доверители/личности од доверба. Тие им кажуваат емоционално моќни тајни кои се далеку над можностите на тинејџерот да се справи со нив. Особено токсични се тајните кои едниот родител му ги кажува на тинејџерот, а кои мора да се кријат од другиот родител. Адолесцентот се прашува, „Ако го чувам неверството на татко ми, што тоа кажува за мојата релација со мајка ми? Ако и кажам на мајка ми, што тоа значи за мојата релација со татко ми?“ Лојалноста на децата кон двата свои родители е психолошки факт. Дури и кога релацијата помеѓу детето и родителот е дистанцирана или прекината, лојалноста постои на несвесно ниво. Некои тинејџери одбираат на трет начин да ја разрешат оваа ситуација која е оптеретувачка за нив: со криза.

Што се случува кога тинејџерот ќе отиде кај еден од своите родители со одредена тајна? На пример, ќерката и кажува на мајката за својот абортус, замолувајќи ја, да не му каже на тато. Или синот му кажува на тато за забавите на кои се пие многу алкохол, замолувајќи го да не и каже на мама. Дали тоа значи дека мама е позната во семејството како „лесно избувлива“, и од мама често се кријат нешта, или на синот му е потребно време и машка поддршка за самостојно да се соочи со оваа своја тема?

Овие се специфични ситуации за кои е потребно внимателно да се одлучува. Еднаш штом родителот ќе одлучи и ќе вети дека ќе чува тајна со тинејџерот, важно е да е сочувана-и повторно преговарана со тинејџерот. Прекршувањето на довербата со адолесцентот испраќа силна порака дека не може да му се верува на родителот токму кога тоа на адолесцентот му е најпотребно.

Важно е сепак да размислите, дали е тоа тајна која го загрозува Вашиот адолесцент, како на пример нарушување на исхраната – анорексија? Навратете се на времето кога вие бевте адолесцент. Кои беа одговорите на вашите родители кога ги споделувавте вашите тајни? Дали вие сакате да реагирате слично или различно? Потоа, размислувајте однапред. Кое влијание ќе го има оваа тајна врз семејните односи со текот на времето? Дали е ова времена тајна која ќе му овозможи на вашиот тинејџер да разбере нешто во безбедна атмосфера? На пример, многу тинејџери сакаат да споделуваат тајни во врска со нивната сексуалност. Кога родителот може да прими таква информација мирно и да се обврзе на времена тајновитост, може да се креира атмосфера на поддршка.

Родителски -семејни тајни

Адолесценцијата е доба во семејниот живот кога родителите мора да размислат и повторно да се потсетат на семејните тајни кои ги чуваат од своите деца. Повеќето родители ги кријат “срамните“ настани, или семејните трауми во нивната семејна историја од своите деца. Постојат и тајни кои директно го засегаат животот на адолесцентот – на пример, неговото потекло, можното посвојување

Во овој период на креирање на сопствената личност, адолесцентите се исклучително заинтересирани за семејните приказни. Свесно или несвесно. Чувствуваат дека потекнуваат од долга лоза - многу и многу претци позади себе, додека тие самите се во фаза на конструирање на својот селф. Кога таквите приказни остануваат неотворени, токму таа тајна ќе стапи на сцена во животот на адолесцентот на некој начин. На пример, 16 годишната адолесцентка, веќе сексуално активна, културна девојка и исполнителна ученичка, често останува надвор цела ноќ и се враќа дури следниот ден, без да ги информира нејзините родители. Оваа ситуација не води кон истражување на проблемот, и на семејните приказни при што, се отвора приказната за тетка Марија, постарата сестра на нејзината баба, која ја изгубиле во војната кога таа имала само 16 години. Нашата адолесцентка, освен што го носи истото име, со своето однесување ја отвора и приказната за тетка Марија, за која никогаш, од бол, не се спомнувало. Семејната душа е таква: таа бара секој член да биде препознаен и уважен. Кога тоа не е така, следните генерации ќе ја понесат таа приказна, со цел да биде препознаено и уважено она што е, она што било. Кога тајните се разрешуваат, следните генерации имаат леснотија слободно да се креираат себеси, во љубов