Кога не се чувствувате како во своја кожа

Кога бебето ќе се роди, сите очекуваат дека тоа ќе биде најволшебниот момент во нивниот живот. Никој не очекува ниту посакува овој период да биде компликуван, исполнет со солзи, фрустрации, непријатни чувства, анксиозни доживувања и/или депресивни. Постпoродилниот период е дефинитивно период на големо прилагодување. Бременоста и породувањето го допираат интензивно телото, мислите и емоционалниот живот. Многу од вас чуле за постпородилната депресија. Некои мислат дека е состојба на лудило, за што најверојатно најмногу се заслужни - медиумите.

Други сметаат дека е состојба која ги погодува оние жени кои не ги сакаат своите деца, жени кои не се добри мајки, или кои се слаби личности.

Повеќето сепак веруваат дека е нешто што им се случува на - другите.

Ние знаеме дека овие претпоставки не се точни. Постпородилната депресија може да ги погоди жените кои се среќни, жените кои се во одлични партнерски односи/брак, или жените кои се во постојан конфликт со нивниот партнер. Може да ги погоди жените кои живеат во стабилни и функционални семејства, и кои немаат претходна историја на ментално нарушување, или жени кои доаѓаат од дисфункционални семејства, кои имале претходни депресивни епизоди. Може да ја погоди било која жена по раѓањето на бебето, или може да појави на површина неколку месеци подоцна: не постојат правила.

Називот ’’постпородилна/постпартална депресија’’ е прифатен како заеднички за повеќе психолошки состојби во постпарталниот период и психијатриски нарушувања на расположението, но дијагностички различни и со различна клиничка важност. Притоа, можеби ќе се запрашате: како постпородилната депресија е различна од ’’обичната’’ депресија? Замислете жена на која и’ е тешко да стане од кревет, тешко и’ е да функционира и да ги завршува дневните обврски,скоро невозможно да мисли на било што, освен на тоа како се чувствува. Чувства како неадекватност, тага, умор, исцрпеност, несигурност ја оптоваруваат, како и негативни, вознемирувачки мисли….Сега замислете ја истата жена, со бебе. Замислете го притисокот и крајното неверување дека може да одговори на неговите потреби…’’Зашто го имам ова бебе?Како ќе се справам со ова? Што се случува со мене, што е погрешно?Може некој да го тргне бебето?….’’Постпартум депресивната приказна е испреплетена со дополнителни чувства на срам, чувства кои се однесуваат на самопочитта и на својот идентитет.

Постпартум листа на симптоми Ова е кратка листа на емоционални доживувања и чувства кои би можеле да ги имате во постпарталниот период. Овие изјави се често дадени од жени кои страдаат од постпартална депресија. Проверете дали овие реченици одговараат на тоа како се чувствувате сега. - Се чувствувам тажно повеќето-или цело време. - Плачам најмалку еднаш дневно. - Не можам да не се чувствувам депресивно и ужасно, што и да правам. - Никако не можам да се концентрирам. - Не уживам во нештата во кои порано уживав. - Не сакам да се дружам, го избегнувам и бебето. - Немам никаков интерес за секс, иако мојот доктор ме увери дека сум физички во можност да имам сексуални односи. - Не можам да спијам, дури и кога бебето спие/не можам да престанам да спијам. - Се чувствувам неуспешно повеќето од времето. - Немам енергија, постојано сум уморна. - Немам апетит, ниту уживам во храната ( или имам огромна потреба за слатки работи и постојано ги јадам) - Не можам да се сетам кога последен пат се смеев. - И мала работа може да ме изнервира. Понекогаш сум бесна на бебето. Често сум лута на мојот сопруг. - Чувствувам дека иднината е безнадежна. - Ми се чини дека вака ќе се чувствувам секогаш. - Стравувам дека би можела да се повредам себеси, или да му наштетам на бебето. - Постојат моменти кога чувствувам дека е подобро да ме нема отколку да се чувствувам вака уште една минута.

Некои физички симптоми на постпородилна депресија може да вклучат: умор, паника, немир, анксиозност, срцебиење, заборавност, стомачни тегоби, краток здив, вртоглавици. Важно е да се спомене и дека постпородилната депресија не изгледа секогаш- депресивно. Жени кои се тешко болни може да изгледаат сосема добро: постпородилната депресија може добро да се камуфлира. Од друга страна, не секое интензивно однесување и чувства се дел од оваа состојба, но секогаш е важно да се провери. За жал, постпородилната депресија може да биде погрешно разбрана (и нетретирана) повеќе време, од самите мајки како и од пошироката здравствена мрежа. Постојат повеќе причини за тоа, како: - Недостиг на механизми во здравствениот сектор кои ќе посветат внимание на психолошкиот аспект на мајката за време и после породувањето, како и соодветна едукација. Повеќето медицински лица очекуваат одреден степен на емоционални интензивни реакции во постпарталниот период како нормален процес на прилагодување, при што постои тенденција да не се уважат грижите и симптомите кои жените ги пројавуваат. Притоа, симптомите на депресија и анксиозност на мајката во постпарталниот период, често се провлекуваат низ пукнатините на здравствениот систем: кога жените кои се во потрага по поддршка, навистина не знаат кому да се обратат.

- Живееме во општество кое не прифаќа една мајка да чувствува страв, амбивалентност, бес. Често изразувањето на овие чувства е интерпретирано како несоодветно, и непожелно. - Жените се трудат да бидат ’’во чекор’’ со нивните високи очекувања од мајчинството, и доколку заостануваат во исполнувањето на сопствените замисли за тоа како треба да се однесуваат, чувствуваат и мислат; тие се обземени од чувства на неадекватност, вина и огромна тага. Се двоумат да побараат стручна помош бидејќи се плашат дека ќе бидат видени како ’’лоши мајки’’.

Скоро повеќето млади мајки лесно ќе препознаат една или две од речениците погоре, но исто така и ќе имаат периоди во кои добро ќе се чувствуваат и добро функционираат со своето бебе, и имаат јасен впечаток дека нештата ќе се подобруваат со текот на времето. Сепак, жените кои страдаат од постпартална депресија ќе се согласат со многу, или со сите наведени реченици и генерално се чувствуваат вака повеќето, или секој ден, во период полог од две недели. Ако е тоа Ваш случај, најдобро е да се консултирате со стручно лице. Исто така, би било добро да се спомене и дека жените кои ги искусуваат овие чувства и страдаат од постпородилна депресија, се најчесто преплашени и се борат дека тоа не се случува во надеж дека сето тоа ќе помине. Често постои срам кој се врзува за овие чувства, што ја зголемува тенденцијата да се повлечат и да не ја побараат помошта која им е потребна. Важно е сепак, жените да му веруваат на својот инстинкт кога се работи за нивната загриженост за тоа како се чувствуваат после породувањето. Дури и ако кажат некому, на нивните партнери, мајки или пријатели кои ги утешуваат дека сè е добро и нормално; тие треба да ја послушаат интензивната внатрешна потреба да побараат помош за тоа што ги мачи, вознемирува и оптеретува.

Најважно е сепак следното: без разлика дали постпарталната депресија е блага или тешка, таа може/треба да се третира. Побарајте психолошка помош и поддршка.