Психолошкиот аспект на абортусот

Абортус. Не можеме да зборуваме за изгубено бебе. Абортусот е прерано прекината бременост која не успеала да се реализира до својата конечна цел: породување и раѓање на дете. Наместо тоа, ќе зборуваме за изгубена бременост, која носела во себе надежи, замисли, претстави за родителството, очекувања, желби, копнеж за дете, изгубена можност за нов живот. Не е малку, нели? Абортусот денес веќе не е табу: ние зборуваме за него. Тоа води кон две нешта: абортусот е избор, жената знае и прифаќа дека има право на избор за родителство. Тоа може да придонесе да го согледа абортусот повеќе рационално отколку да го уважи емоционално, за она што тој значи за неа.

Од друга страна, абортусот е мошне чувствителна тема бидејќи во неа е имплицирана колективната идеја за моралност; за личниот избор на животен стил и за она што средината го очекува од жената.

Во личната приказна за абортусот, како и во приказната за родителството, се вклучени многу повеќе личности, социјални концепти, ставови, верувања и претстави, отколку само самата бремена жена и нејзиниот партнер.

Бременоста е поврзана со личниот мотив и личната одлука за родителство. Таа може да биде посакувана но неочекувана, посакувана и очекувана, и непосакувана и неочекувана. Тоа значи дека:
- Родителството е животен избор, но бременоста која се случува во одреден животен период е неочекувана. Односно, има мотив за родителство, но нема одлука за бременост и родителство.
- Родителството е животен избор, и бременоста која се случува во одреден животен период е очекувана. Односно, има мотив за родителство, и има одлука за бременост и родителство.
- Родителството не е животен избор, и бременоста е неочекувана. Во оваа ситуација, нема мотив ни одлука за родителство.

Спонтаниот како и намерниот абортус, може да се случат во секоја од овие животни избори и ситуации. Медицинската интервенција ќе заврши, но спектарот на емоционални доживувања е широк и различен: од чувство на лутина, неуспех, вина, страв, тага, до чувство на олеснување. Значајно е овие емоции да се препознаат, за да може психолошки да се одживее овој настан, кој во својата суштина е трауматски. Начинот на доживување и изразување на тие емоции се разликува од една до друга жена. Жената која долго време се бори за бременост која ќе се реализира со раѓање на здраво бебе, многу поинтензивно ќе ја доживее загубата од жената која има две деца и е навлезена во петтата деценија од животот и не планира проширување на семејството. Сепак, на едно примордијално несвесно ниво, абортусот претставува загуба и за двете жени.

Сите овие емоции се очекувани. Секоја жена треба да има можност да ги изрази и да зборува за своите чувства во врска со абортусот:
- да го прифати постоењето на бременоста,
- да ја прифати загубата на бременоста,
- да се поздрави, прости и раздели со детето кое никогаш не се родило,
- да ја пронајде повторно својата самодоверба за да може да ја планира следната бременост, или пак да
размислува со својот партнер за алтернативни начини на остварување на својата родителска улога, доколку родителството е нејзин избор.

Намерен прекин на бременоста

Во текот на бременоста, објавувањето на одреден проблем со фетусот и препорака за прекин на бременоста покренува различни реакции кај родителите. Оваа ситуација секогаш бара малку простор за родителите на кои им е потребно време за себе во кое ќе го “елаборираат’’ тоа што психички го доживуваат. Преплавени со тага и болка, пред нив стои донесување на тешка одлука за која е добро да сме свесни, и да се побара стручна поддршка.

Намерниот абортус

ја содржи во себе и свесната одлука за прекинување на бременоста, без разлика на тоа што ја мотивирало таа одлука, и на кој начин е донесена. Дури и кога зборуваме за намерен абортус мотивиран од лични причини, зборуваме за соочување со загуба. Личните причини најчесто се врзуваат за возраста на жената (на пример, бременост во адолесценција, или подоцна бременост), социоекономскиот, културен, семеен контекст и воопшто личен животен стил во кој бременоста не е личен избор на жената. Притоа, одредени истражувања откриваат дека жените кои избрале да абортираат, често ги кријат своите чувства токму поради својата лична одлука за прекин на бременоста. Кога се спречува себеси да ја изрази својата лутина и чувство на вина кои се врзуваат за нејзината одлука за абортус, истовремено се спречува да ја изрази и тагата за загубата. Притоа оваа тага, за која не се дало простор и која не е психолошки препознаена и одживеана, е веројатно да се изрази подоцна како депресивност, анксиозност, или психосоматска реакција. Важно е да се запомни: Абортусот секогаш преставува загуба за жената, како и за нејзиниот партнер. Интензитетот на емоционалните реакции ќе зависи од околностите и мотивите за истиот, но тој треба да биде препознаен како дел од драмата која иако не ја посакуваме, може да се случи на патот кон мајчинството. Токму затоа заслужува наше внимание. Ако сте искусиле абортус, зборувајте за тоа и побарајте стручна психолошка помош.