Соништата и бременоста

Сонот е природна појава, со кој на специфичен јазик ни се обраќа и открива нашето несвесно. Најчесто во форма на слики, фигури и симболи, понекогаш како вистинска драма ја изразува префинетоста и моќта на чувствата, исто толку добро како и јасната рационална мисла. Понекогаш ни се чини скоро бесмислена, нелогична и бизарна содржината на нашите соништа, но доколку им посветиме малку внимание, ќе увидиме вистинска мудрост која ни носи многу пораки и навестува подлабока смисла или увид во она што психолошки го живееме и доживуваме.

Бременоста-период на интензивно сонување

Периодот на бременост е период на маркантен внатрешен живот: период на впечатливи соништа и фантазии. Многу трудници потврдуваат дека за време на бременоста, сонуваат многу повеќе и многу поразлично од порано. Тоа е така бидејќи доаѓањето на бебето го поттикнува имагинарниот и емоционалниот живот, а телото и хормоналните промени прават сè да го овозможат ова доаѓање. Прогестеронот на пример, делува како седатив на нервниот систем: оттаму желбата да останете подолго време во кревет, што овозможува да сте поблиску до светот на соништата. Всушност, ноќите за време на деветте месеци се побурни од обично: незгодната позиција за време на спиењето, големиот стомак, честата потреба за уринирање; прават спиењето да е полесно. Така, често се будите, што е можност повеќе да ги запомнувате соништата (кои се отприлика 4-5 во текот на една ноќ).

Што сонуваат трудниците?

Трудниците зборуваат за интригантни, кошмарни соништа набиени со силни емоции и стравувања, или пак за спокојни и смирувачки соништа. Соништата за време на бременоста содржат значајни симболи, архетипи кои се навистина интензивни кај бремената жена. Која и да е содржината на сонот, обрнете внимание дека несвесното често практикува да се прикаже на необичен или бизарен начин. Честа тема во соништата на трудниците е раѓањето или породувањето. Раѓањето е секогаш поврзано со идејата за обнова, промена и созревање, што е всушност и она што Вам Ви се случува, на личен и семеен план. Промената, прифаќањето на таа промена и актуализацијата на новата животна улога не е секогаш лесен процес. Ако оваа тема Ви е донесена во сонот со вознемирувачка содржина, сонот (како една опција) можеби Ви зборува за стравувањето од неможноста да се доврши овој психолошки креативен процес. Затоа на јазикот на сонот, тој може да се изрази како тешко породување, крварење, или абортус. Тоа всушност значи дека сонот Ви носи порака ( можно решение, или објаснување, и сл.) која се однесува на Вас самите, а не на самиот чин на породување кое го очекувате.

Чест мотив во соништата на трудниците се и бебињата. Тоа што нив ги вознемирува и што го споделуваат, се соништа во кои сонуваното бебе има чуден, вознемирувачки или нечовечки лик, одредени малформации и сл. Симболички, овие соништа се однесуваат на ’’внатрешното’’ бебе, т.е. самата трудница, и се однесуваат на нејзините лични стравувања и дилеми. Смртта на бебето на пример, не се однесува на бебето кое бремената жена го носи, туку е една идеја за мајчинството; укажува на психолошката промена и созревање на жената која постанува мајка ( што значи и една нова форма на себе и симболичка смрт на старата). Всушност, ваков сон укажува на момент во кој трудницата може да ги разреши и надмине старите проблеми, кофликти, искуства, и соништата може да упатуваат токму на тоа. Ова е особено важно во врска со релациските односи на бремената жена, односот со нејзината мајка, кој е исто така честа тема во сонот на трудницата, повеќе или помалку маскиран со некој мотив.

Особено третото тримесечје е посочено како период на вознемирувачки соништа. Овие соништа всушност ги изразуваат стравувањата почувствувани кон крајот на бременоста која означува и разделба со бебето во вас (замислуваното бебе) и дочекувањето на бебето во реалноста. Колку и да се застрашувачки соништата за време на бременоста, не се вознемирувајте. Тие се сосема природен начин на комуникација со самите себе, а соодветно на животниот процес во кој се наоѓате, лично и семејно. Доколку сепак соништата Ве вознемируваат повеќе отколку што Ви е прифатливо, добра идеја е да побарате психолошка поддршка која ќе Ви овозможи да ја разберете пораката која сонот Ви ја носи, да ја намалите напнатоста и сосема да се посветите на доаѓањето на бебето.